На пригодна свеченост во Ректоратот, прогласени се првите Амбасадори на УКЛО. Титулата Амбасадор на УКЛО ја добија шест студентки од Правниот факултет – Кичево, членови на Moot Court клубот Титус Флавиус Орестес. Почесното звање Амбасадор на УКЛО студентките: Ана Џима, Наталија Атанасовска, Ангела Бошевска, Марија Дунимаглоска, Елена Грујоска и Симона Тодоровска, го заслужија за континуираниот ангажман во клубот Титус Флавиус Орестес и успехот на Шестиот регионален натпревар за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски им порача да бидат горди на амбасадорската улога кој продолжува и ќе ги следи во текот на целиот живот. Тој истакна дека со чинот на доделување на престижната титула, Универзитетот им оддава должно признание за активноста и ангажманот, бидејќи студенти се иднината и на УКЛО и на општеството.
Преоректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ успехот и постигнувањата на студентите од клубот Титус Флавиус Орестес и од Правната клиника ги оцени како силни атрибути на Правниот факултет и на УКЛО, особено затоа што покрај анимација на студентите овозможуваат интернационализација, потврда дека има перспективни студенти и посветен кадар меѓу кои професорката Ангелина Станојоска.
Проректоркта за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска во својство на иницијатор на промоцијата, потенцира дека УКЛО имал, има и ќе има успеси на студенти кои успешно не претставуваат во земјата и во странство и дека тоа се однесува и на академски кадар којшто работи со предаденост и посветеност кон студентите. Акцентирајќи дека ова е прв пат на ваков начин да се врднува успехот и заложбите на студентите во формалното учење и различните воннаставни активности, афирмирана е заложбата на менаџментот на УКЛО соодветно и со внимание да се валоризира вложениот труд.
Од име на Амбасадорите на УКЛО благодарност за укажаната чест изрази студентката Ангела Бошевска, дека се горди амбасадори на УКЛО кои понатаму ќе ја оправдаат титулата и ќе потврдат и во иднина, дека навистина ја заслужуваат.
Настанот се одржа на 17.05.2023 г. во Ректоратот на УКЛО.