Во рамките на проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“ во организација на УСАИД, Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС, Педагошкиот факултет – Битола, единица на УКЛО, започна со реализацијата на предвидените активности.

Основната цел на проектот е да се надградат и унапредат постојните програми по предметите: Медиумска писменост, Медиумска култура во наставата и Лингвостилистика со содржини поврзани со медиумската писменост, со што голем број студенти ќе се запознаат со главните начела на медиумската писменост и ќе стекнат вештини за критичко размислување. Овие содржини, исто така, придонесуваат студентите да соработуваат меѓу себе, да пристапуваат до различни содржини на интернет и критички да ги анализираат и коментираат пред да ги споделуваат. Според тоа, студентите и полесно ќе ги препознаат дезинформациите со кои се соочуваат секојдневно.

Во рамки на проектот, „Младите размислуваат“ што започна на 3 ноември 2023 г. предвидени се пет работилници. Покрај размена на искуства и мислења, анализа на различни содржини поврзани со медиумската писменост, ќе се изработи и прирачник по медиумска писменост. Прирачникот ќе се употребува во наставата по наведените предмети и  ќе биде достапен и за пошироката јавност.