Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, заедно со Центарот за развој на пелагонискиот плански регион – Битола и два партнери од Грција, Универзитетот во Кожани и Регионот на Западна Македонија, се вклучуваат во зголемување на капацитетите на регионот за справување со шумски пожари и поплави.

Вчера на 27 јануари се одржа преку Интернет првиот состанок на партнерите на проектот Превенција и управување со прекугранични комплексни поплави и шумски пожари – РЕШЕНИЕ  финансиран од Европската Унија на националните фондови на земјите учеснички, во рамки на Интеррег програмата за погранична соработка со Грција.

Проектот РЕШЕНИЕ ќе се обиде да ги намали ризиците од пожари и поплави на пет нивоа. Првото ниво вклучува превенција на пожари и поплави и ќе се базира на проценка на ризиците. Втората ново е заштита и вклучува примена на структурни и еко-системски мерки на намалување на опасностите шумски пожари и поплави. Третото ниво е подготвеност. Оваа ново ќе вклучува активности за прогнозирање на опасности, рано предупредување и изготвување на соодветни планови за итни случаи. Четвртото ниво е одговор, и ќе вклучува активности поврзани со тоа како да се подигне квалитетот на акциите веднаш по појавата на шумски пожар или поплава. Последното ниво насловено како закрепнување и ќе работи идентификување на мерки за краткорочно и долгорочно закрепнување на областите зафатени од пожари и поплави.

Со овој проект Универзитетот активно се вклучува со своето знаење да придонесе во напорите на заедницата за намалување на ризиците од шумски пожари и поплави.

Со средства на проектот територијалните противпожарни единици од пелагонискиот регион ќе добијат противпожарна опрема  вредна повеќе од 150.000 евра. Универзитетот ќе добие компјутерска опрема и софтвер за проценка на ризици, како и опрема за виртуелна реалност за спроведување обуки вредна повеќе од 100.000 евра.

Исто така околу 45 професори од универзитетот директно ќе се вклучат во проектот со цел да ги споделат своите знаења со заедницата и релевантните институции, а со цел намалување на ризиците и зголемување на подготвеноста на сите нас за справување со шумски пожари и поплави.

Со овој проект очекуваме УКЛО да стане регионална водечка институција од областите на проценка на ризици и зајакнување на подготвеност за справување со природни непогоди.

Проектот формално започна на 15 декември 2021 и ќе трае до 15 декември 2023, а ќе го координира проректорот за наука проф. д-р Игор Неделковски.