Со три нови работилници за надградба на студентите продолжи реализацијата на проектот „УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ“.
Учесниците од различни единици на УКЛО ги следеа темите: Унапредување на правописните и правоговорни способности на студентите, Преговарање и склучување на договори и Персонално стратегиско планирање.
Проф. д-р Виолета Јанушева од Педагошкиот факултет – Битола, за студентите одржа обука за унапредување на нивните знаења и вештини во однос на нормата на макдонскиот стандарден јазик како услов за градење добра писменост и јазична култура и особено затоа што секое современо општество од секој поединец бара правилно усно и писмено изразување. Посебен интерес студентите покажаа за правилата во однос на зборовите што често се користат без да се свесни дека станува збор за туѓи зборови и без да го знаат македонскиот сооодветен збор. Воедно, учесниците на обуката изразија интерес овој вид работилници да се одржуваат тематски, со вежби за правилно зборување и пишување.
Во рамки на работилницата Преговарање и склучување на договори, доц. проф. д-р Емилија Ѓорѓиоска од Економскиот факултет – Прилеп ги обучуваше студентите со постапката за склучување договори што може да биде многу сложена и долга, а од чиј исход зависат понатамошните права и обврски на договорните страни. Учесниците се запознаа со преговарањето како важен дел од фазата за склучување договори, особено на трговските, кои може да се однесуваат на стоки или услуги од голема вредност, што се и сложени и обемни. На крајот од работилницата на студентите им беа доделени улоги на членови во преговарачки тим за склучување на договор за продажба на опрема за производство, при што на практичен начин е потврдена синтагмата дека целиот живот го поминуваме во преговори.
Вториот серијал обуки е заокружен со работилницата Персонално стратегиско планирање. Професорката, Моника Ангелоска Дичовска од Економскиот факулет – Прилеп низ интерактивен пристап ги запозна студентите со чекорите на персонално стратегиско планирање, со различни алакти и техники за самоанализа, така што посебен акцент е ставен на развивање на способноста за правилно идентификување на сопствените цели и стратегиите за нивна реализација. Работилницата влучи практичнии вежби и анализи за себеспознавање, насочување, согледување на сопствената состојба и размислување на долги патеки за идните чекори кои треба да се преземат за сопствен развој. Последниот сегмент од работилницата беше насочен кон креирање на сопствени стратегии за раст, како и осврт на подготовката на планови на долги патеки, односно планови што помогаат во реализација на поставените цели.
Проектот „УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ“ се одржува во СИЦ и опфаќа повеќе обуки структурирани во два пакета: за поттикнување на креативност, иновативност и мотивирачко опкружување за учење, како и работилници за поттикнување на современи истражувачки и создавачки пристап и знаење.
Обуките и термините на одржување, УКЛО ги постави на својата веб страница
на СИЦ календарот: https://uklo.edu.mk/sic-kalendar/