Сојузот на спортови на Битола додели специјална награда во вид на плакета на УКЛО Битола, за промоција и развој на спортот кај студентите. Во име на УКЛО плакетата му беше врачена на  ректорот, проф. д-р Игор Неделковски.  На пригодата, тој ја потврди големата ангажираност на УКЛО за пошироко анимирање и вклучување на студентите во различни спортски активности, со што е оправдано образложението за високото признание: дека во 2023 година, УКЛО организира десетина спортски активности за студенти, од кои некои беа од отворен тип. За прв пат се одржаа натпревари во тенис, едрење, стрелаштво, куглање и во континуитет се организираа традиционални натпревари и студентски лиги.  Респектабилното признание го мотивира раководството на УКЛО да продолжи во унапредување на целокупното студентско живеење. УКЛО продолжува перманентно да вложува во мотивирање на студентите и вработените на УКЛО, да се градат релации што ќе овозможат поголема партиципативност на студентите во развојот на универзитетот, за да дојде до максимален израз нивниот мисловен потенцијал, а спортско рекреативните настани да им помогнат во зацврстување на карактерот и да внесат нов квалитет во социјалните односи.

Проректорката за студентски работи на УКЛО, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска истакнува дека се планирани бројни манифестации и спортско – рекреативни активности кои веќе започнаа да се одржуваат под боите на  европската Алијанса КОЛОРС. Тоа според неа дава дополнителна вредност и квалитет  со што се промовира местото и грижата за студентите на УКЛО како најзначаен дел од aкадемската заедница.

Уважувањето на УКЛО како промотор за развој на спортот кај студентите го потврдува  влијанието на УКЛО во општеството и признанието од Сојузот на спортови на Битола е потврда дека со ко-организација, реализација и промоција на многубројни спортски настани, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола остава голем регионален импакт.