Новоизбраниот ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски на 1 октомври 2022 г. започнува да ја извршува функцијата прв човек на УКЛО.
Пред неговото официјално започнување со работа, на 29.09.2022 г. во Ректоратот на УКЛО извршен е чинот на примопредавање на ректорските инсигнии. Актуелниот ректор, проф. д-р Сашо Коруновски  истакна дека со големо задоволство на својот наследник му ги предава инсигниите и му посака успешен мандат, особено затоа што во ректорот Неделковски има наследник којшто уште повеќе ќе се грижи за прогресот на УКЛО.

Новиот  ректор, проф. д-р Игор Неделковски во рамки на пригодата потенцира дека раководењето на Универзитетот го презема со високи достигнувања што се резултат на успешната работа и мудроста на ректорот Коруновски. Тој изрази уверување дека само низ успешна соработка со студентите и вработените на УКЛО може да се постигнат потребните ефекти.
Со симболичната постапка на примопредавање на должноста, во присуство на претседателот на Универзитетскиот сенат, проф. д-р Пеце Николовски, УКЛО ја промовира заложбата за континуитет во работењето и успешно  започнување на нова фаза во управувањето и целокупното функционирање на Универзитетот.

Наскоро, на седница на Ректорската управа на предлог на ректорот Неделковски ќе се донесе одлука за избор на нови проректори на УКЛО со што ќе се комплетира менаџментот  на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

По повод почетокот на новата академска година, порака до студентите и вработените на УКЛО, ректорот Неделковски ќе упати од Факултетот за безбедност во Скопје. Тој ќе присуствува на Првиот свечен академски час на оваа единица која одбележува 45. годишен јубилеј.