На 12. 05. 2022 на Педагошкиот факултет во Битола се одржа промоција на книгата „Преводи за литература за деца од македонски на англиски јазик“ – авторско дело на студентите од трета година на групата Англиски јазик и книжевност под менторство на проф. д-р Силвана Нешковска.

На присутните им се обрати деканот проф. д-р Добри Петровски кој го поздрави овој преведувачки поттик и ја изрази својата поддршка на активностите на студентите.

Во овој преведувачки проект беа вклучени студенти од трета година на групата Англиски јазик и книжевност, кои избраа да работат превод на четири дела за деца, лектирни изданија со многу високо реноме во областа на македонската литература и тоа: „Зоки Поки“ од авторката Оливера Николова, „Сребрените снегови“ од Живко Чинго, „Девојките на Марко“ од Оливера Николова и „Втората смена“ од Велко Неделковски. Проектот се реализираше во периодот октомври 2021 – февруари 2022 и резултираше со печатено издание од 176 страни, во Б5 формат.

Студентите работеа во четири тимови и тоа: прв тим составен од Стефани Циуноска, Ивона Шундовска и Фросина Тутевска кои работеа на превод на скратената верзија на „Зоки Поки“. Следен е тимот што ги преведе првите пет поглавја од „Девојките на Марко“ беше составен од: Мимоза Стојковска, Александра Влакевска, Сара Василевска, Христина Митаноска, Ана Јаневска и Христина Каракачевска. Потоа, тимот што работеше на превод на „Сребрените снегови“ и ги преведе првите 7 поглавја од оваа книга беше составен од: Теодора Спировска, Мите Иракоски, Стефан Мургоски, Јасна Талевска и Никола Ѓоргиевски. И тимот што ги преведе првите 3 поглавја од „Втората смена“ се состоеше од: Валбона Ештрефи, Тамара Богдановска, Валентина Здравковска и Магдалена Прчевска.