Во рамки на месецот посветен на превенција на рак на дојка,  ВМШ и УКЛО организираа едукативна работилница на тема:  ПОСТОПЕРАТИВНА РЕХАБИЛИТАЦИЈА ПО РАК НА ДОЈКА . Работилницата опфати неколку презентации од предавачи и волонтери – студенти од ВМШ.

Предaвачот, м-р Денис Арсовски ја нагласи заложбата на ВМШ и УКЛО  да се подигнува свеста кај заедницата со превентивно  укажување на важните аспекти на епидемиологијата на ракот на дојка и основните техники за самопроверка.

M-р Даниела Петковска се осврна кон постоперативната кинезитерапија  прилагодена на индивидуалните потреби и  нејзината  клучна улога во обновувањето на мобилноста и силата на пациентките.

За постоперативната нега и специјализираното бандажирање и нивната витална улога во обезбедувањето оптимално заздравување и удобност за лицата кои се опоравуваат од операција по рак на дојка, стручна презентација одржа предавачот, д-р Ангелка Јанкуловска.

И студентите од ВМШ дадоа свој значаен придонес. Мелиса Комина говореше за постоперативната рехабилитација за рак на дојка, а Саша Оманли ја опфати темата: Лимфедем и мануелна лимфна дренажа по рак на дојка.

Преку вакви предавања се постигнува потребната едукација што ќе помогне да се разбере влијанието на оваа болест и како да се открие рано, посочува предавачот м-р Денис Арсовски. Потенцирана е потребата од заедничка акција за подигање на свеста за ракот на дојка и создадавање заедница што ќе биде подготвена и информирана за предизвикот од оваа болест.

Настанот што се одржа во СИЦ, на 26.10.2023 г.  предизвика голем интерес. Покрај академски кадри меѓу кои проректорката проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска и студенти, во едукативната работилница се вклучија претставници од здруженија на жени и од пошироката јавност.