На 29.02.2024 во Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола потпишан е Меморандум за соработка помеѓу УКЛО и бугарската Академија за национална безбедност од Софија.

Договорот го парафираа, ректорот на УКЛО проф. д-р Игор Неделковски и претседателот на Академијата, г-н Владимир Бронфенбренер, познат израелски експерт за сајбер безбедност, со завидно 15-годишно искуство во едукација и обука на студенти и професионалци од безбедносните структури и од други засегнати институции.

Со Меморандумот се отвора простор за реализација на заеднички комерцијални кратки курсеви по сајбер безбедност со македонски, бугарски и израелски експерти.

Претходно, Сенатот на УКЛО донесе посебна Одлука за програма за стручно и професионално усовршување за сајбер безбедност, со што УКЛО во својата понуда ја вклучува оваа современа, краткотрајна и  интердисциплинарна програма за стручно и професионално усовршување за сајбер безбедност. Обуката ќе се изведува на македонски и англиски јазик со академски кадри од најмалку три единици на УКЛО, а преку партнерството со бугарската Академија за национална безбедност и со  вклучување на бугарски и израелски специјалисти од Центарот за сајбер иновации (Cyber Innovation Center – Israel), Израелското биро за заштита на децата (Israeli Child Protection Bureau) и со поддршка на Националниот сајбер директорат од Израел (Israel National Cyber Directorate).

Очекувањата се дека програмата за обука ќе биде предизвик за разнородни целни групи слушатели кои треба да бидат составени од наставници и училишни директори и вработени во стручните служби на училиштата, вработени во државни, јавни и приватни институции и компании, во банки, болници, фондови, телекомуникациски компании и други институции.

Инаку, УКЛО, ќе ја понуди својата експертиза преку реномирани академски кадри во три модули: Борба против сајбер насилството врз децата и улогата на училиштето – програма „Сајбер бранители“,  Паметно користење на сајбер просторот – безбедни организации и  модулот – Сајбер опсег.

Актуелноста на програмата за стручно и професионално усовршување за сајбер безбедност на УКЛО ќе се реализира  во духот на современите потреби за зајакнување на сајбер отпорноста и заштита на онлајн интересите на граѓаните, институциите и компаниите.

Инаку, на чинот на официјалирање на соработката со бугарската Академија за национална безбедност присуствуваше претседателот на Сенатот на УКЛО, проф. д-р Николче Јанкуловски, декани, академски кадри и вработени од Универзитетот.

Во рамки на пригодата што се одржа во Ректоратот на УКЛО, разменети се и други корисни и важни информации со претставници од безбедносни структури и репрезенти од општествениот и политичкиот живот, меѓу кои генералниот конзул на Република Бугарија, Николај Димитров.