На 21 декември 2022 година на УКЛО се одржа Универзитетска студентска конференција “Од студентите на УКЛО за општеството“ на која се презентирани 38 трудови од 65 учесници и 34 ментори.

Претседателот на студентите на УКЛО, Душан Стевановски им честиташе на студентите кои вложиле дополнителен интелектуален труд и најави одржување на уште неколку  студентски конференции кои се начин за придвижување на студентите, да бидат подобри и поквалитетни стручни личности.

Од името на УКЛО се обрати проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска. Таа се осврна кон поширокото академско значење на Конференцијата којашто ги обединува трудовите од  факултетските конференции, нагласувајќи ја посебно универзитетско – социјалната димензија за меѓусебно обединување, дружење и подобро запознавање кои носат и повисоки резултати и  поголема успешност.

Покрај Комисијата за студентски работи која ги следеше и оценуваше студентските трудови, учесниците на Конференцијата ги самоевалуираа своите презентации, што на Конференцијата и обезбеди висока објективност и посебност.

Универзитетската студентска конференција се одвиваше во две работни сесии во простории на Студентскиот информативен центар. На авторите на  трудовите ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски им додели Пофалници. Тој изрази големото задоволство од успешно одржаната Универзитетска студентска конференција со забележително учество на студентите од сите единици на УКЛО.