На 11. 05.2023 г. на Економскиот факултет – Прилеп одржана е работилница посветена на проактивното лидерство и вмрежувањето во заедницата.

Од името на УКЛО проректорот за настава, проф. д-р Цветко Андреески истакна дека Универзитетот ги поддржува сите настани што поттикнуваат соработка и вмрежување. Тематската работилница ја оцени како интересна и поттикнувачка зашто и професорите се лидери бидејќи ги инспирираат студентите за стекнување знаења и вештини и тоа е задача и на факултетите и на универзитетот. Тој укажа на фактот дека мрежата на колеги и соработници е природна средина на универзитетските професори, дека без добра комуникација и добра соработка, невозможно е да се направи квалитетно истражување, или да се учествува во проекти и активности од сите домени на академското и дејствување во поширокиот контекст.

Министерот Оливер Спасовски посочи дека проактивното лидерство подразбира силна меѓусебна доверба, посветеност, одговорност кон заедницата и  воедно е темел за остварување на успеси во работењето – независно дали станува збор за јавни институции или приватни фирми и компании. Со заеднички пристап можеме да постигнеме многу подобри резултати, да ги оствариме нашите професионални цели и позитивно да влијаеме на економските текови во локалната заедница.

Обраќања на настанот имаа деканите од Факултетот за безбедност – Скопје и Економскиот факултет – Прилеп.

Деканот Никола Дујовскија ја нагласи обврската на виското образование кон општеството и кон државата, да се отворат теми коишто можат да придонесат институциите да бидат свесни за широкиот пристап и можностите што ги нуди современото живеење, потенцирајќи ја извонредната соработка со МВР, Економскиот факултет од Прилеп.

 Од име на домаќините, деканката Драгица Оџаклиеска се осврнаа кон важноста на концептите лидерство и вмрежување од аспект на високообразовните институции. Таа акцентираше дека во образовната политика на Факултетот еден од постулатите е потребата да  креираат лидери што ќе придонесуваат за економскиот развој на државата.

Во вториот дел од работилницата одржани се предавања од репрезентативни претставници од реалниот сектор, МВР и МО. Посебен интерес предизвикаа предавачите: д-р Глигор Бишев, претседател на Советот за високо образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на РСМ и Ирена Јакимоска, сопственик на компанијата Комфи Aнгел.

Покрај нив, во својство на предавачи настапија: м-р Емилија Велкоска, началничка на надворешната канцеларија за криминалистички работи во ОВР Прилеп и Славчо Кузманоски, командант на Артилерискиот баталјон и командант на гарнизон Прилеп.

Работилницата се одржа во организација на Економскиот факултет – Прилеп,  Факултетот за безбедност, единици на УКЛО и Министерството за внатрешни работи. Настанот е заокружен со плодна дискусија и доделување благодарници за учесниците.