Конференција со наслов „Cauldron in the East, cauldron in the South? Challenges for security and stability in Europe“ се одржа на 6 ноември 2023 г. во Офицерскиот дом во Битола, со поддршка од Министерството за надворешни работи на Република Полска.

Во присуство на бројни академски кадри, студенти и претставници од институциите соорганизатори на настанот, од името на УКЛО како домаќин, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски го истакна  задоволството дека Универзитетот во Варшава во УКЛО препознава сериозен партнер и за вака значајни политички теми, во едно турболентно време обременето со  бројни кризи.

Проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ истакна дека Конференцијата во Битола ќе се заокружи во Варшава, со учество на наши професори и издавање Зборник на научни трудови. Потенцирајќи ја исклучителната актуелност на темата, проректорот Илиќ го акцентира учеството на експерти од различен профил и научни области, што на Конференцијата и обезбедува мултидисциплинарен пристап и гледање на состојбите и нивниот импакт кон Западен Балкан.

Министерката за култура, д-р Бисера Костадиновска Стојчевска  се осврна  кон високото ниво на соработка, не само на политичко, туку и на академско ниво со Центарот за Европа на универзитетот во Варшава. Според неа, Конференција овозможува и  студентите и сите учесници да слушнат за тоа што значи кога се делува заедно и  како се соочуваме со предизвиците заедно.

Градоначалникот Тони Коњановски со оценка дека УКЛО и Конференцијата  нудат научен аспект  кон денешните предизвици со кои се соочува не само Европа, туку и целиот свет.

Во рамки на Конференцијата, амбасадорот во Република Северна Македонија од Полска, Кшиштоф Гжелчик и  професорот Камил Зајачковски, директор на Центарот за Европа од Универзитетот во Варшава, нагласија дека соработката со УКЛО трае подолго време и продолжува да се продлабочува во повеќе академски подрачја.

Според професорот Зајачковски, целта на проектот ,,Јавна дипломатија 2023“ и Конференцијата, е да се запознаат граѓаните на Македонија со начините на кои треба да се избегнува дезинформирањето поврзано со актуелната ситуација  и предизвиците  на патот кон безбедноста и стабилноста во Европа.

Инаку, важни актери на Конференцијата, покрај УКЛО се и УКИМ и Институт за социолошки, политичко-правни истражувања, неколку респектабилни установи од Црна Гора: Универзитетот во Доња Горица, Паневропската Унија, Центарот за демократска транзиција и Атлантскиот совет и соорганизаторите од Полска: Центарот за Европа од Универзитетот во Варшава, Центарот за меѓународни односи, Факултетот за политички науки и
Универзитетот за меѓународни студии во Варшава.