Студентското собрание при Техничкиот факултет – Битола ја одржа Четвртата факултетска студентска конференција посветена на Техниката и урбаниот развој.
Претставени се 8 трудови од 12 студенти под менторство на професори од Техничкиот факултет. На настанот, покрај студенти, академски кадри и алумни се приклучија и гости од Средното сообраќајно училиште од Струмица.
Претседателот на ФФС на ТФ – Битола, Петар Гушевски истакна дека Конференцијата се одржува по повод Светскиот ден на науката, 10 Ноември и ја потенцира нејзината голема важност за студентите.
Настанот не е само прилика студентите да ги споделат своите идеи и искуства, туку и добар начин за прилагодување и реагирање на современите технички предизвици, оцени деканот на Техничкиот факултет, проф. д-р Митко Костов Во тоа име и проректорката за студентски работи на УКЛО, проф.д-р Јасмина Буневска Талевска напомена дека од студентите, идни инженери и од професорите од Техничкиот факултет се очекува да дадат технолошко-технички решенија за одржлив урабан и севкупен развој: „Основен мотив е да градиме капацитети кај студентите за истражување и креирање решенија коишто ќе придонесат за одржлив урбан и севкупен развој. Решенија што ќе понудат мерки за борба против климатските промени, локалното загадување – за одржлив општествен развој. Мотивот на инженерите е да ја користат техниката и технологијата против конвенционалните извори на енергија, против транспорт базиран на фосилни горива и да се понудат решенија за овие проблеми, да се даде потребниот придонес кон одржлива иднина за сите“.
Презентираните трудови на Конференција ќе бидат пријавени за учество на Втората Универзитетска студенстка конференција на УКЛО што ќе се одржи наредниот месец.
Настанот се одржа на 9.11.2023 г. во амфитеатарот на Технички факултет – Битола, во пријатна атмосфера адекватна за размена на искуства што го унапредуваат личниот и професионален развој на студентите.