Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, 25 Април беше во знакот на Отворениот ден, УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ – НОВИ ПЕРСПЕКТИВИ. Целодневниот настан УКЛО го посвети на промоција на студиските програми и условите за студирање на своите единици. Заинтересираните посетители директно и непосредно добиваа подетални информации за можностите за мобилност, проекти, лаборатории, програми и центри на УКЛО.
Ректорот, Игор Неделковски, и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски потпишаа договорот за реализација на Универзитетска летна пракса, заеднички и значаен проект со којшто студенти од УКЛО ќе остваруваат платена работа во институции од надлежност на Општина Битола и беа промовирани првите избрани студенти кои во текот на летото ќе учат практично.
На Отворениот ден на УКЛО присуствуваа и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, раководителот на Секторот за високо образование во МОН, Ахмед Ќазими и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска. Таа во својство на академски кадар од УКЛО ги поздрави активностите на Универзитетот како одличен пример за партиципативност и креирање активна средина за поддржување на младите.
Пријателите на УКЛО од реалниот сектор меѓу кои БИМИЛК Млекара АД и од Регионалната стопанска комора доделија уписинини за студенти на УКЛО. Со потпишување на меморандумите за соработка врачени се донации и промовирани се заложбите за континуирана мотивација и конкретна поддршка на студентите од УКЛО.
Во спектарот активности на Отворениот ден на УКЛО, промовиран е уште еден значаен проект – УКЛО Мрежа. Потпишани се меморандуми за соработка со дел од најрепрезентативните претставици од граѓанскиот сектор, меѓу кои Преда Плус Фондацијата и МКЦ Битола. Настанот опфати презентација на неколку програми: МКЦ – Битола во соработка со Агенција за вработување и Регионална комора Битола организира поврзување на бизнис заедницата со невработени лица. Над 20 компании понудија 100-на работни позиции за различни профили. Преда Плус Фондацијата претстави програма за поддршка на стратапи во AgriTech iTourTech, соодветна за иновативна стартап идеја за поттикнување иновации во земјоделско-прехрамбената индустрија и одржливиот туризам.
Богатата колажна програма што се реализира со обединување на капацитетите и ресурсите на УКЛО, Општина Битола, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и креативците во Битола беше збогатена со забавен дел на платото на Офицерски дом Битола, за што се погрижија музички групи од ученици од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ Битола и СОУ „Таки Даскало“ Битола, како и DJ B-boy, ДОНА & friends и ПАРКЕТИ.
Отворениот ден УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ – НОВИ ПЕРСПЕКТИВИ овозможи дополнителна популаризација на студиските програми на единиците на УКЛО и соодветно насочување на младите луѓе кон квалитетно образование и стручно усовршување.