Обуките од проектот УКЛО неформално учење продолжија со три нови работилници. Професорката од Педагошкиот факултет – Битола, проф. д-р Виолета Јанушева одржа работилница за Унапредување на вештините на студентите за пишување Апстракт -квалитативни истражувања. Досегашните истражувања потврдуваат дека компетенциите на студентите за спроведување на целосно квалитативно истражување не се на задоволително ниво, на што најмногу влијае тоа што во процесите на поучување и учење преовладува квантитативната (дедуктивната) парадигма. Истражувањата, исто така, покажуваат дека не се на задоволително ниво и вештините на студентите за пишување апстракт во квалитативните истражувања.  Оттука, со работилницата е одржана во насока на унапредување на научноистражувачките компетенции на студентите за реализација на квалитативни истражувања, особено во однос на пишувањето на апстрактот што, како краток информативен текст, влијае на првиот впечаток за целото истражување. Апстрактот треба да им даде на читателите доволно информации и да ги заинтересира да го прочитаат текстот во целина.

Втората работилницата  на тема Развивање на вештината зборување професорката од Педагошкиот факултет – Битола, проф. д-р Силвана Нешковска ја посвети на развивање на вештината зборување која е неопходна без разлика во која сфера се делува професионално, но и општо за ефикасно функционирање во нашето секојдневие, што секако, не ги заобиколува ниту студентите и è подеднакво важна, потребна и корисна.

Во текот на обуката студентите имаа прилика да ги споделат сопствените искуства  поврзани со јавен настап и зборување пред помала или поголема публика, да ги искажат своите впечатоци за тоа како се чувствувале во текот на зборувањето и како се подготвувале за истото. Вториот дел од обуката  опфати повеќе активности за поуспешно и поубедливо претставување во кој било контекст.

Најновиот серијал обуки од проектот „УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ е заокружен со работилницата Вовед во техничката подготовка на трудовите за специјалната едиција NEW HORIZONS – Journal of students research.  Уредникот на Хоризонти и Нови Хоризонти д-р Елена Китановска – Ристоска од Ректоратот на УКЛО, посочи дека објавувањето на студентското научно списание Нови Хоризонти доаѓа како резултат на заложбата на УКЛО за промовирање на истражувачката работа на студентите и нивните ментори, како составен дел на високообразовниот процес. Искуствата коишто произлегуваат од објавувањето на меѓународното научно списание Хоризонти, во последните две децении, во голема мера придонесуваат за поставување на солидна основа врз којашто ќе се темелат новите изданија како што е првиот број на Нови Хоризонти.

Во својата основна идеја, Нови Хоризонти треба да послужи како поттик на студентите на УКЛО да влезат во суштината на истражувачката работа, и притоа да добијат можност да ги објават своите резултати. За таа цел, студентите имаат целосна поддршка од своите професори – ментори, чија основна задача е да ги водат студентите низ истражувачкиот процес и притоа да им помогнат на јасен и недвосмилен начин да ги презентираат своите истражувачки резултати преку објавување на научни трудови.

Целта на излагањето беше преку следење на инструкциите за објавување, студентите да можат да ги прилагодат своите истражувачки резултати и преку објавувањето на научен труд, да ги презентираат своите истражувачки резултати. Преку доследно следење на правилата за автори во Нови Хоризонти, студентите ќе можат да подготват научен труд којшто ќе биде во согласност со меѓународно прифатените уредувачки правила, а со тоа и да ја зголемат видливоста на нивните истражувачки резултати.