Борис Гушевски, редовен студент во втора година на Техничкиот факултет во Битола е новиот лидер на студентите на УКЛО.

Тој е избран со тајно гласање на конститутивната седница на Универзитетското студентско собрание на УКЛО.

На седницата што се одржа на 28.11.2023 г во СИЦ, избрани се и членови на органите на УСС УКЛО и делегирани се претставници од студентите во органите и телата на Универзитетот: Ректорската управа, Универзитетскиот сенат и постојаните  Комисии на Универзитетот.

Студентите донесоа и Одлука за објавување  Конкурс за избор на нов Студентски правобранител на УКЛО.

На новоизбраниот лидер на студентите и студентското раководство УКЛО им упати срдечни честитки за успешна реализација на Програмата за работа, што покрај поддршка за студентите е во насока на нивна поголема вклученост во студентското живеење и за позначителна застапеност во активности и проекти на УКЛО.