Педагошкиот факултет во Битола, единица на УКЛО одржа неколку интересни настани во рамки на активностите на Алијансата КОЛОРС. По повод 21 март, Денот на поезијата промовирано е печатено издание на книга со преводи на дела од Ацо Шопов „Во книжевниот универзум на Ацо Шопов“. Книгата е подготвена од студенти во трета година на програмата Англиски јазик и книжевност, под менторство на д-р Силвана Нешковска, професор на Педагошкиот факултет, која посочи дека студентите одлично си ја завршија задачата, која не била воопшто лесна и изрази уверување дека со конкретната активност се стекнаа со едно драгоцено искуство што ќе им биде од голема полза во нивниот иден професионален ангажман.

Студентите приредија препеви на англиски јазик на дел од песните на Шопов, раскази и литературни осврти напишани за неговите дела.

Деканката на Педагошкиот факултет – Битола, проф. д-р Данче Сивакова Нешковски посочи дека настаните  се во рамки на активностите на Алијансата на европскиот универзитет КОЛОРС, чиј член е и УКЛО. Таа им врачи по еден примерок од книгата на учесниците во проектот, по што, стихови на Шопов на англиски јазик интерпретираа студентките Ева Нешкоска и Бесјона Јусуфи.  Издавач на книгата е  Клубот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик при Педагошкиот факултет – Битола.

Претходно присутните имаа можност да проследат кратка презентација на Ротаракт клубот од Битола. Претседателката на Клубот, Катерина Анакиевска, пренесе дел од нивните активности и говореше за придобивките да се членува во Ротаракт. Настаните се заокружени со предавање од д-р Весна Шикловска, радилог во Клиничката болница во Битола, на тема „Да зборуваме за женското здравје“ како придонес во здравствената едукација и превенција.