На 03.03.2023 во Ректоратот на УКЛО одржан е хибриден настан поврзан со можноста за вклучување на библиотеките на единиците на Универзитетот во системот COBISS.MK, во соработка со НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје и Центарот ВБМ – Скопје.

Презентацијата е организирана како дел од активностите за развој на библиотечната мрежа со вклучување на факултетските библиотеки во системот COBISS.MK за подигање на квалитетот и ефикасноста на учење.

Во присуство на проректорите на УКЛО, проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска и проф. д-р Горан Илиќ, декани и продекани од единиците на УКЛО, предавачите библиотекари-советници Жаклина Ѓалевска и Јелисавета Костадинова ги претставија можностите за  вмрежување на нашите библиотеки во овој меѓународен систем што може да придонесе за поголема видливост на научната и издавачката дејност на УКЛО и единците во негов состав.

Имено, со користење на различни сегменти што ги нуди програмата, професорите и студентите на УКЛО ќе имаат повеќекратна корист во професионалната работа, работа со цитирана литература, ажурирање на персонални библиографии, реализирани проекти и т.н. пристап кон библиотечната граѓа.

COBISS (кооперативен онлајн библиографски систем и сервиси) е модел на систем кој претставува платформа на националните библиотечно – информациски системи на сите балкански земји преку кој се обезбедува интегрирано водење на библиотечните каталози и библиографии на истражувачи. На ваков начин се овозможува поголема транспарентност на резултатите од истражувачката дејност и повисок квалитет на библиографските записи и мултифункционалност.