По повод Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола организира меѓународен научен форум „Науката во акција!“ на тема: Цели за одржлив развој и промена на светот на подобро.

Според проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ, на  Форумот  прв од ваков вид на УКЛО и во државата, се третираат 17-те глобални цели кои се дефинирани во агендата 20-30 на ОН. Според него, Форумот „Наука во акција!“ нуди шанса да се мобилизираат  академијата и експертите од земјата и странство околу прашањето на науката за мир и развој со единствена цел – менување на светот на подобро.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски  смета дека со одржувањето на ваков меѓународен форум УКЛО ја рефлектира научната мисла и научниот потенцијал.

Инаку, меѓународниот научен форум се одржа во две работни сесии. Во првата учествуваа гости од Германија, Ирак, Велика Британија, Соединети Американски Држави и Индија, додека во втората учествуваа академски кадри од УКЛО, меѓу кои професорите: Оливера Костоска од Економски факултет, Данче Сивакова – Нешковски, декан на Педагошки факултет, Гордана Ристевска Димитровска од Висока медицинска школа, Методија Атанасовски, продекан за меѓународна соработка од Технички факултет, Митко Костов, декан на Технички факултет, проф. д-р Даниела Неделкоска, продекан за наука и меѓународна соработка  на Технолошко-техничкиот факултет и Гордана Димитровска, декан на Факултетот за биотехнички науки.

Меѓународниот научен форум е заокружен со завршни согледби  што ги резимираше д-р Ивона Шушак – Лозановска, модератор на Форумот.

Инаку, светскиот ден на науката за мир и развој се одбележува секоја година на 10 ноември и ја нагласува важноста на науката во општеството и потребата да се вклучи пошироката јавност во дискусии за новите научни теми и ја нагласува вредноста и применливоста на науката во секојдневниот живот на човекот.