Во периодот од 14 до 16 септември 2022, на Универзитетот во Болоња – Università di Bologna, Италија, на 33. годишнина на Опсерваторијата на Magna Charta, се одржа Годишната конференција Општествено ангажирани универзитети во турбулентни времиња (Universities Engaging with Society in Turbulent Times), на којашто присуствуваа ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски и проректорот за наука, проф. д-р Игор Неделковски, воедно и новоизбран ректор за наредниот тригодишен мандатен период, почнувајќи од 1 октомври 2022.

На Конференцијата, Опсерваторијата, како тело што ја мониторира примената на фундаменталните принципи на Magna Charta Universitatum, понуди дебата за тоа што универзитетот може и треба да направи како придонес кон унапредувањето на општеството во овие турбулентни времиња, на којашто еминентни претставници на универзитетите-потписници ги изложија своите перспективи и заложби. Во тој контекст, во рамките на прославата, се одржа и свечената церемонија на пре-потпишување на Magna Charta Universitatum 2020 со физичко присуство на челниците на универзитетите што претходно, во COVID време, го потпишаа виртуелно. Имено, првичниот текст на Magna Charta Universitatum потпишан во 1988 година беше ревидиран во 2020 со цел посоодветно да ги рефлектира промените и предизвиците со коишто се соочуваат универзитетите во светот во актуелниот контекст, со што истовремено ќе ги реализираат својата мисија и своите зацртани активности.