На 6 ноември 2023 година УКЛО ќе биде домаќин на меѓународен научен собир „Cauldron in the East, cauldron in the South? Challenges for security and stability in Europe“.

Конференцијата се одржува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Република Полска во рамките на натпреварот „Јавна дипломатија 2023“ што го спроведува Центарот за Европа од Универзитетот во Варшава во соработка со Центарот за меѓународни односи, Факултетот за политички науки и Универзитетот за меѓународни студии во Варшава. Важни актери на Конференцијата покрај УКЛО како домаќин на собирот од Република Северна Македонија се и УКИМ и Институт за социолошки, политичко-правни истражувања и неколку респектабилни установи од Црна Гора: Универзитетот во Доња Горица, Паневропската Унија, Центарот за демократска транзиција и  Атлантскиот совет.

Конференцијата ќе се одржи во КИЦ – Битола, Офицерски дом од 9 часот.

Покрај ректорот, проф. д-р Игор Неделковски во отворањето на настанот учество ќе земат градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, министерката за култура, д-р Бисера Костадиновска Стојчевска, амбасадорот во РСМ од Полска, Кшиштоф Гжелчик, професорот Камил Зајачковски, директор на Центарот за Европа од  Универзитетот во Варшава и проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ.

Во рамки на Конференцијата планирани се три панели со научно – општествен осврт кон актуелните предизвици за политичката состојба и стабилноста во Европа во светло на најновите кризи и превирања.