Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола организира Меѓународен научен собир на тема: “Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“.
Во два панела, дваесетина научници и професори од различни профили од земјата и странство, низ научен пристап ги актуелизираа 17-те глобални цели дефинирани во Агендата 20 – 30 на ОН.
Меѓу нив, посебна релевантност имаа пленарните излагања на д-р Метју С. Хал, истражувачки професор од Вирџинија, САД и д-р Ентони М. Гулд, редовен професор од Квебек, Канада.
Собирот е меѓу поважните академски активности што овозможуваат третирање на целите на ОН за одржлив развој, особено затоа што нивното исполнување е од исклучително значење како за локалните заедници, така и за Универзитетот и глобалната средина – истакнува проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ.
Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, учесник на меѓународниот настан со оценка: „Годишната научна конференција на УКЛО е собир од каде ќе се трасира патеката на единството, соработка и визијата за трансформација, остварувајќи ги целите на Обединетите нации до 2030 година. Во тие процеси на прогрес, културата има голема улога, зашто културата е обединувачки фактор кој ги поврзува сите катогории граѓани, не правејќи никакви поделби“.
Соред мислењeто на научниот и академски кадар, со одржувањето на научниот собир, УКЛО ја продолжува востановената академска „мобилизација“за поставување на науката и научната мисла во срцевината на сите процеси за глобален одржлив развој, што воедно, беше посочено и во видео обраќањето на ректорот, проф. д-р Игор Неделковски.
Дополнително, најдобро селектираните трудови ќе бидат објавени во меѓународното научно списание на УКЛО ,,Хоризонти“.
Инаку, станува збор за втора конференција на која УКЛО на научен начин ги операционализира целите на ОН за одржлив развој, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на науката. Работните панели на Конференцијата ги водеа академски кадри од УКЛО: д-р Ице Илијевски и д-р Александар Иванов, модератор на настанот беше д-р Ивона Шушак – Лозановска.
На Конференцијата што се одржа на 17. 11. 2023 г. учество зедоа и проректорите: проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, проф. д-р Цветко Андреески и претседателот на Универзитетскиот сенат на УКЛО, проф. д-р Николче Јанкуловски.