На 26.2.2024 г. на Техничкиот  факултет – Битола, единица на УКЛО одржан е прв од низата спортско – едукативни и мотивирачки настани коишто Универзитетот ги организира во рамките на активностите на Алијансата КОЛОРС.

На атрактивното предавање, Вања Атанасов по вокација спортист, триатлонец, по професија адвокат, пренесе лични искуства поврзани со силни предизвици, кондициони и емотивни патешествија, но со силна порака дека Ајронмен трката ги челичи луѓето да достигнуваат повисоки граници, дека со силна  волја и посветеност може да се постигне повеќе од очекуваното, истовремено да се биде и еколошки освестен, да се доживее убавината на наградата постигната по тежок пат, и едноставно да се биде подобар човек.

Инспиративното предавањето на Атанасов го опфати неговото учество на т.н. триатлонски Еверест, трката „Ајронмен“ во Италија, минатата година што е меѓу најтешките еднодневни спортски подвизи. Секој учесник мора да исплива 3,8 км, да извози 180 км со велосипед и да истрча маратонот од 42 км, до пред полноќ. Во сите овие дисциплини,  битолчанецот Вања Атанасов покажа високи резултати и ги заврши за 12 часа и 47 минути.

Настанот беше подеднакво интересен и за студентите и за учениците од средните битолски училишта и нивните професори. Големото внимание произлезе од можноста одблизу и на непосреден начин да се запознаат со подвизите, посветеноста и инспирацијата што Вања Атанасов несебично ја сподели.

Атрактивното предавање го следеа и претставници од раководството на УКЛО меѓу кои ректорот, проф. д-р Игор Неделковски кој и самиот е голем и посветен рекреативец, проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, деканот на Технички факултет, проф. д-р Митко Костов, професори, генералниот секретар на УКЛО, м-р Теодора Михајловска и вработени од Универзитетот.

По тој повод, ректорот Неделковски на триатлонецот Вања Атанасов му додели Благодарница за успешно одржано предавање и поттикнување на спортскиот дух кај студентите. Во рамки на настанот, од УКЛО најавени се бројни идни манифестации и активности за анимирање на студентите и младите луѓе кои ќе се одржуваат со уште еден исклучителен предзнак за Универзитетот, како прв и единствен македонски универзитет, дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.