Марија Стојаноска, дипломиран сообраќаен инженер и постдипломец на Техничкиот факултет при УКЛО е меѓу 12 најдобри студенти на инженерските факултети, на кои Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски им додели признание Инженерски прстен.

На настанот што се одржа пред платото на претседателската Вила Водно присуствуваа и деканот на Техничкиот факултет, проф. д-р Стојанче Нусев и ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски.

Манифестацијата во чест на најдобрите инженери на државните универзитети се одржа по 19. пат во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и инженери.

Инженерски прстен претставува престижно признание за најдобро дипломираните студенти од инженерските факултети и своевиден поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.