На најдобрo дипломираните студенти на инженерските факултети, на 5 јуни 2023 година, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски  им го додели признанието Инженерски прстен.

Меѓу добитници на ова високо признание од Техничкиот факултет – Битола, е Сара Петковска која упати и клучна порака до помладите колеги студенти: „Користете ги своите вештини и знаења за да одговорите на предизвиците со кои се соочува нашето општество и секогаш стремете се кон извондредност, професионализам и етика во сето она што го правите. Верувајте во себе и во вашата способност да успеете. Со напорна работа, посветеност и упорнот, можете да ги постигнете своите цели и да дадете значаен придонес во областа на инженерството“.

На традиционалната менифестација, поддршка и честитки за дипломираниот инженер Сара Петковска, со лично присуство изразија ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и  проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска како и продеканите од Техничкиот факултет – Битола, проф. д-р Методија Атанасосовски и проф. д-р Игор Андреевски.

Доделувањето Инженерски прстен освен признание за најдобро дипломираните студенти од инженерските факултети претставува и своевиден поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.

Инженерскиот прстен претставува круна од дабови лисја на чиј врв се наоѓа знакот на инженерската институција. Дабовите лисја ги претставуваат честа и достоинството, а ѕвездата го симболизира знаењето како синергија од сите инженерски дисциплини.