Платформата Радар за иновации на Европската комисија (https://www.innoradar.eu/) оцени дека една од иновациите развиени во проектот ТРИНИТИ (H2020) заслужува да се категоризира како иновација со пазарен потенцијал подготвен за бизнис и ја објави на својот сајт https://www.innoradar.eu/innovation/42869.

Станува збор за иновацијата Напредна платформа за управување и планирање наменета за менаџери (оператори) на електрични централи од обновливи извори на енергија, со пазарна зрелост на иновации: подготвена за бизнис и иновациски потенцијал за создавање умерен пазар.

Во анализата Радарот за иновации ги идентиификува и партнерите во проектот, вклучувајќи го и Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола како Клучен иноватор/KeyInnovator (https://www.innoradar.eu/innovator/998930833) во развојот на оваа иновација, заедно со Институтот за комуникации и компјутерски системи од Атина и шпанската технолошко развојна фирма ETRA INVESTIGACION Y DESARROLLO SA (https://www.grupoetra.com/).

Ова претставува голем успех за координаторот на проектот проф. д-р Методија Атанасовски и неговиот тим во ТРИНИТИ, за Техничкиот факултет – Битола и за УКЛО. Со ова Република Северна Македонија, УКЛО, Технички факултет-Битола и градот Битола се лоцирани на мапата на иновации финансирани од ЕУ.

Проектот со акроним Тројство или H2020 ТРИНИТИ (http://trinityh2020.eu/) е посветен на зајакнување на преносниот систем во регионални граници со користење на интелигентна пазарна технологија. Целта на проектот е развивање на софтверски решенија за зајакнување на соработката помеѓу преносните систем-оператори на Југоисточна Европа и поддршка на интегрирањето на пазарите на електрична енергија во регионот со промоција на зголеменото учество на чистите енергии во производството на електрична енергија.