History
Во минатото започнува иднината….
Основањето на вториот македонски универзитет и неговиот досегашен развој претставува значаен момент во образовниот, научниот и културниот развој на современото македонско општество.
Чинот на формалното конституирање на Универзитетот во Битола – на 25 април, 1979 година, секако е резултат на еден подолг процес при што историската традиција значи појдовна основа врз која се надоградуваат образованието и наукатa.
Универзалното значење на св.Климент и неговата просветителска мисија која ги надмина нашиве простори, вткаени во богатото историско минато добија своја силна потврда на 8 декември 1994 година кога Универзитетот со гордост го понесе името Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Повеќедецениската мисија и остварувањето на поставените цели и задачи на втората Alma Mater секако е резултат како на историските така и на амбиенталните предуслови за неговото основање. Универзитетот уште на самите почетоци ја имаше спецификата на регионална високообразовна установа, со седиште во Битола, но распространета и во уште два поголеми градови во југозападниот регион, Прилеп и Охрид. Овој регионален квалификатив опстојува, се проширува и се одржува низ целокупното функционирање на Универзитетот интегрирајќи ги интересите на Регионот – културно-историската традиција, природните богатства, стопанските потенцијали, мрежата на образовни институции и потврдениот интелектуален потенцијал.
На почетокот, во составот на Универзитетот влегуваа шест високообразовни и две научни установи и тоа:
- Економски факултет – Прилеп
- Правен факултет – Битола
- Технички факултет – Битола
- Факултет за туризам и угостителство – Охрид
- Виша земјоделска школа – Битола
- Педагошка академија – Битола
- Институт за тутун – Прилеп
- Хидробиолошки завод – Охрид.
Подоцна, се вклучија и Институтот за старословенска култура – Прилеп, Матичната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Битола, Студентскиот дом „Кочо Рацин” – Битола и Вишата медицинска школа – Битола. И други високообразовни установи, во согласност со своите интереси, станаа членки на Универзитетот, како и неколку новоформирани единици: Правен факултет – Кичево, Технолошко-технички факултет – Велес, Ветеринарен факултет – Битола и Факултет за информатички и комуникациски технологии – Битола.
Денес, овој развоен концепт недвосмислено го потврдува значењето на Универзитетот како автономна, високообразовна и научно-истражувачка установа, ориентирана во својот натамошен развој да биде меѓународно отворена и во функција на опкружувањето.