На Третата меѓународна конференција „Унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата“ УКЛО учествуваше со свои претставници. Проректорката за студентски работи, д-р Јасмина Буневска Талевска, професор на Техничкиот факултет Битола на Отсекот за сообраќај и транспорт и деканот на Факултетот за безбедност Скопје, проф. д-р Никола Дујовски на Конференцијата активно партиципираа и како членови на Програмскиот одбор.

Тие беа дел од 150-те учесници, домашни и странски стручњаци од областа на безбедноста во сообраќајот кои низ презентации на научно-стручни трудови разменија искуства и добри практики на теми кои ги опфаќаат безбедноста на сообраќајот и на учесниците во сообраќајот на патиштата, сообраќајното инженерство и проектирањето, интелигентните транспортни системи и новите технологии, сообраќајната политика и регулативите, националната и меѓународната соработка и многу други прашања во функција на подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

На деканот, проф. д-р Никола Дујовски, му е доделена плакета за долгогодишната соработка којашто Факултетот за безбедност Скопје ја остварува со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Инаку, Третата меѓународна конференција „Унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата“ се одржа на 30 мај 2024 година, во организација наРСБСП, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје.