Официјализирањето на Меморандумот за соработка меѓу УКЛО и Општина Новаци, отвори нови можности за намалување на миграцијата на младите луѓе во најкритичните моменти во државата.

Меѓу можностите за реално остварување на заложбата е иницијативата од УКЛО што Општината Новаци планира да ја потврди со одлука од Советот, на сите запишани студенти на прв циклус студии жители од Општината,  да им бидат покриени трошоците за студирање во текот на студирањето на додипломските студии.

Градоначалникот Стевче Стевановски очекува дека на наредната седница Советот ќе ја прифати идејата, Општината да ги стимулира  младите жители  да се запишуваат на државните универзитети, поточно на УКЛО, да се стипендираат во нивното студирање, со верување дека  на овој начин се прави  чекор напред да се задржат младите дома – со студирање дома.

Според ректорот Неделковски со формализирање на иницијативата Општина Новаци прави крупен исчекор, во заложбата да се задржат младите и квалификувани луѓе, дека станува збор за еден позитивен пример со којшто Општината препознала начин да се намали миграцијата кон странство и миграцијата од руралните средини кон градовите.

Иницијативата што се оценува како голем исчекор произлезе на чинот на потпишување на Меморандум за соработка што го парафираа ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и градоначалникот на Општина Новаци, м-р Стевче Стевановски, што се одржа во Ректоратот на УКЛО, на  8.06.2023 г. На чинот на потпишување присуствуваа проректорите: проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска и проф. д-р Јове Димитрија Талевски и претставници од Централната и стручна служба на УКЛО.

На овој начин, Меморандумот за соработка со самото потпишување промовираше еден од начините за сплотување на чинителите во општеството за решавање на вакви важни прашања кои може да отворат развојни перспективи во цели региони.