По повод 11 мај – Ден на културата во сообраќајот, студенти од Техничкиот факултет – Битола одржаа презентација за сообраќајно – транспортното инженерство. Тие, на ученици од СОУ „Таки Даскалот“ Битола им го доближија концептот за сообраќајната култура како специфичен вид култура која треба да ја поседува и секојдневно да ја практикува секој учесник во сообраќајот.

На учесниците на презентацијата им беше претставена и студиската програма Сообраќајно – транспортно инженерство  на ТФБ, како една од водечките во државата којашто ги обединува социјалната, економската, логистичката и еколошката компонента во сите сфери на секојдневното живеење.

Настанот е искористен да се укаже дека унапредувањето на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително можат да придонесат за побезбеден сообраќај.

Во рамки на одбележувањето на 11 мај – Денот на културата во сообраќајот,  ТФБ и УКЛО одржаа уште неколку значајни манифестации.

Промовиран е проектот УКЛО ВЕЛО во рамки на Клубот за одржливо живеење на УКЛО СИЦ и поставено е ВЕЛО паркиралиштето.

Воедно, студентите активисти од УКЛО осмислија, издизајнираа и учествуваа во друштвена игра УКЛО ЕКО во којашто се вклучија и гимназијалци од Јосип Броз Тито. Манифестацијата е заокружена со посета на СН сообраќајниот центар.

Во попладневните часови на 12 мај ќе се одржи онлајн студентска дебата од студентите од Факултетот за безбедност  – Скопје и Техничкиот факултет Битола, а ќе им гостува и професорката Гордана Ристевска- Димитровска од Психолошкото советувалиште на УКЛО.

И овој пат, главниот ентузијаст и поборник за активна мобилност и култура во сообраќајот е проректорката, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска. Таа заедно со студентите од Техничкиот факултет  – Битола го вклучија алармот за потсетување и предупредување дека треба да се почитува концептот на одржливата урбана мобилност, што ќе донесе еколошки, безбедносни и економски придобивки неопходни за унапредување на квалитетот на животот, здравјето и околината.

УКЛО  како пријател и интрнационален партнер на унгарската идеја за промоција на културата во сообраќајот, заедно со универзитети и градови од Полска, Хрватска и Австрија веќе шест години со бројни активности се вклучува активно во одбележување на 11 мај – Денот на културата во сообраќајот.