Во Ректоратот на УКЛО на 25.10.2023 г. се одржа координативен состанок за потребите и предизвиците на бизнис секторот при процесот на дигитализација и зелена траснформација.

Во соработка со УНДП, покрај УКЛО како еден од клучните стејкхолдери, во расправата се вклучени субјекти од приватниот сектор, општини и Центарот за развој на Пелагонискиот регион.

На средбата што е дел од проектот Creating job opportunities for all – IV, разгледани се повеќе актуелни теми поврзани со степенот на дигитализација на компаниите, импликациите од трансформацијата, предизвиците на патот кон зелената трансформација и мерките и средствата потребни за нејзино остварување.

Во дискусијата, покрај ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и проректорката, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, претставниците од УНПД ги образложија нивните мерки за поддршка на приватниот сектор, со фокус на мерката за поддршка за компании кои се подготвени да го поттикнат својот деловен развој преку создавање нови работни места и зелени инвестиции со користење на неповратни финансиски средства – грантови.

Се оценува дека дебатата треба да помогне да се добие појасна слика за потребите и предизвиците на бизнис секторот особено во областа на човечките ресурси, неопходноста за развој на вештини кај работоспособното население, нужноста за промена на бизнис моделот и воведување нови трендови што ќе ја намалат стапката на невработеност и јазот меѓу побарувачката и понудата на работна сила.

Денес, кога процесот на дигитализација и зелена трансформација се наметнува на самиот врв, УКЛО во партнерство со општествено – економските фактори, локалната и регионалната заедница и невладиниот сектор, воспоставува „претприемачки“ дијалог и самиот влегува во процес на трансформација за  креирање нови вештини, занимања и компетенции компатибилни на современите преобразби и процеси.