Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола, проф. д-р Сашо Коруновски во име на вработените и студентите на УКЛО упати честиткa по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители.

Кон чествувањето на најважните личности во словенската, а со тоа и во македонската и европската историја, писменост и литература, УКЛО се приклучува со посебна почит и пиетет, особено затоа што Патронот на УКЛО, св. Климент Охридски, првиот македонскиот архиепископ и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, најзначајниот средновековен писател и педагог е еден од најистакнатите ученици на солунските браќа.

Денот во чест на дејците заслужни за културниот развој на сите словенски народи и европски созаштитници, нé упатува кон трајните вредности на просветителските слова што ни ги пренесе и нашиот Патрон кој заедно со своите учители ја променија судбината не само на Словените, туку и на Европа.

Сето ова, како општествено одговорен Универзитет нé обврзува кон понагласена одговорност кон нас самите, кон студентите и заедницата со реални и доблесни дела да го осветлуваме животот и делото на учителите св. Кирил и Методиј и нивниот најревносен ученик св. Климент, онака како што тие го просветлуваа живеењето низ постојано духовно растење и усовршување.