Стартот на европската униврзитетска Алијанса Колорс, чиј полноправен член е УКЛО и перспективите што ги нуди за студентите, за општината и регионот, беа теми на прес конференцијата оджaна на 25 март 2024 г. во Ректоратот на Универзитетот.

Споделувајќи ги искуствата од стартувањето на Алијансата, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски ја истакна важноста на европската интернационализација на УКЛО и бројните придобивки.  Учеството на УКЛО во Колорс e потенцирано со посебно задоволство и гордост, бидејќи според ректорот Неделковски,  УКЛО е првиот и засега единствен македонски универзитет што е дел од европска универзитетска Алијанса и се именува како европски универзитет. Тој нагласи дека: „Целта е да се зајакне соработката на долг рок, да се зголеми меѓународната видливост и да се промовира мобилност на студентите и истражувачите во Европа. Ова вклучува и организација на заеднички студиски програми и посебно е значајно што студентите можат активно да учествуваат. За прв пат се овозможува полагање предмети на еден од деветте универзитети членки на Алијансата и на крајот да се добие двојна или тројна диплома, во зависност од предметите и универзитите на кои студентите полагале.

За оваа исклучителна мерка за спречување на одливот на мозоци и привлекување на студенти, не само од регионот, туку и од другите региони во државата, се осврна и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој ја нагласи добрата соработка со УКЛО на повеќе нивоа. Според него,  вклучувањето на Битола како асоциран партнер во Алијансата  е голема чест и одговорност. Влегувањето на УКЛО во семејството на европските универзитети, според Коњановски е исклучително важно и многу значајно и за Битола.

Студентскиот лидер на УКЛО, Борис Гушевски се осврна кон значењето на студентите во Алијансата, нагласувајќи дека студентите се главен фактор во сите тела како во организацијата, во реализацијата на активностите и главен корисник на ефектите на Алијансата, бидејќи  студентските претставници се интегрирани во јадрото на УКЛО Колорс. Тој искажа задоволство дека е убаво да се биде студент на УКЛО, и не само сега, туку и во иднина, заради перспективите што ги нудат УКЛО и Алијансата.

Проектниот координатор, проректорот, проф. д-р Јове Димирија Талевски  пресрвртницата што ја нуди Алијасата ја поврза низ нејзиниот акроним: сојуз на иновативни, колаборативни, одржливи и регионални универзитети. Тој ја претстави методологијата за имплементација на овој многу значен и крупен проект. Воедно истакна дека академски раководител на проектот е професорката Рената Петровска-Нечковска, којашто ги одржува контактите со сите учесници во проектот и со сите универзитети, додека раководители на работните пакети се ректорот и проректорите,  професори и вработени на универзитетот, од чии редови се определени и кораководители на пакети. Исто така, нагласено е дека во центарот на целиот проект се студентите и сите нивни активности,  имајќи го во вид  фактот дека во Колорс се поврзуваат 130.000 студенти и 12.500 вработени што укажува на значењето и функцијата на Алијансата.

На настанот што се одржа во присуство на комплетното раководство на УКЛО, потенцирано е дека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола настапува како супстанцијален дел од европска универзитетска Aлијанса Колорс заедно со уште осум други универзитети од Германија, Франција, Шведска, Шпанија, Италија, Полска, Литванија и Хрватска.