На 196-та седница на Универзитетскиот сенат, во постапка спроведена според утврдена процедура, извршен е избор на Претседател на Универзитетскиот сенат во согласност со Законот за високото образование и Стаутот на УКЛО. Со тајно гласање сенаторите му доверија втор мандат на проф. д-р Пеце Николовски од Економскиот факултет – Прилеп, функција што успешно ја извршуваше во претходен период од една година.

Постапката за избор на Претседател на Сенатот ја спроведе изборна комисија на која присуствуваа најмалку 2/3 од вкупниот број членови на Сенатот. Oд присутните сенатори тој е едногласно реизбран  на функцијата Претседател на Сенатот на УКЛО.

На овој начин, на професорот Николовски му е доверен уште еден мандат да биде на чело на највисокиот орган на управување на Универзитетот „Св. Климнет Охридски“ – Битола.

Претседателот на Сенатот е одговорен за законитоста и статутарноста во работењето на Сенатот. Вршењето на должноста Претседател на Сенат е неспоива со вршење на друга државна функција или функција во политичка партија.

Инаку, проф. д-р Пеце Николовски е редовен професор на Економскиот факултет – Прилеп, автор е на учебници, книги и учебни помагала за студентите од сите три циклуси на студирање. Негово поле на научна преокупација е  ревизија на финансиски извештаи, финансиска анализа, финансиска контрола и сметководство.