На 28.12.2021 г. во Ректоратот на УКЛО се одржа прием на тимот студенти од Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, коишто на 18. Меѓународен гастрономски натпревар во Истанбул освоија Гран при награда.

Во конкунренција од преку 700 натпреварувачи, студентите Христијан Јорданоски, Роберт Тодорчев и Стефан Аврамоски под менторство на професорот Климент Наумов постигнаа огромен успех и во индивидуална категорија и се закитија со две златни, една сребрена и три бронзени медали.

Според професорот Климент Наумов екипата од УКЛО иако најмала се покажа како најплодоносна. Највисоката Гран при награда студентите од УКЛО ја освоија во категоријата мистериозна кујна. Тимски, за кратко време, од непознати намирници подготвиле предјадење, главно јадење и десерт, што им го донесе високото признание „Златно тавче“.

Гастрономски импресии од меѓународниот натпревар и лични впечатоци пренесоа и Христијан Јорданоски, Роберт Тодорчев и Стефан Аврамоски кои се студенти во прва година на насоката гастрономија на ФТУ.

Ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски по повод триумфот истакна дека нивниот успех  е исклучително постигнување и за УКЛО. Тие заслужуваат да бидат третирани како шампиони, за што тој упати апел нивниот талент соодветно да се препознае и да се вреднува квалитетот, бидејќи денес гастрономијата е во основата на секој бизнис со храна.

Инаку, ФТУ располага со просторна и модерно опремена кујна за практично надоградување на студентите.