Проректорот за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски, по покана од Европската Асоцијација на Универзитети (ЕУА) од Брисел, учествува во работата на фокусната група за Иновативно лидерство и управување со промени во високото образование, на Универзитетот Рамон Лул во Барселона, Шпанија.

Работата на фокусната група се одвива од 31 Март –  1 Април 2022 година со учество на високи претставници од 20 универзитети членки на ЕУА претставувани од ректори, проректори, и директори.

Се очекува како резултат на работата на фокусната група да се дoбијат насоки за успешно и иновативно справување и раководење со промените во високото образование кои претстојат во Европа, поттикнати од  новите трендови како што се дигитализацијата, отворената наука, образовни ресурси и сл.

Поканата за учество на УКЛО во работата на оваа фокусна група на ЕУА е уште еден доказ за високото  реноме што УКЛО го има во рамки на ЕУА. Во 2021 ЕУА изврши последователна евалуација на УКЛО и покрај позитивните мислења понуди и препораки за подобрување на квалитетот на работење.

Европската асоцијација на универзитети (ЕУА) претставува повеќе од 850 универзитети и интер-универзитетски конференции од 48 европски земји. ЕУА игра клучна улога во Болоњскиот процес и има влијание врз политиките на ЕУ за високото образование, истражувањата и иновациите.

Од Република Северна Македонија полноправни членки на ЕУА се Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.  Во својство на придружни членки се државните универзитети во Штип и Тетово, како и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово и Меѓународниот Балкански Универзитет – Скопје.