Универзитетот во Белград на 17 и 18 ноември 2022 година беше домаќин на настан „Размисли и делувај, дијалог во Белград: Универзитетите како двигатели на одржливоста“.

На дводневната средба, ректори и други раководни кадри на универзитетите од поширокиот регион низ отворена дискусија разменија мислења и ставови поврзани со големите предизвици на новото време, при што, суштинскиот дијалог беше надополнет и со експертски презентации.

Учесниците на панел дискусиите укажаа на фактот дека академските институции се двигатели на одржливиот развој и активно учествуваат на локално и глобално ниво во решавањето на бројни актуелни проблеми, ги преиспитуваат своите стратегии и ги усогласуваат активностите со целите за одржлив развој на Обединетите нации.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во континуитет следи вакви активности и на настанот беше претставуван од ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и претседателот на Универзитетскиот сенат, проф. д-р Пеце Николовски.

Покрај Универзитетот во Белград во организацијата на настанот вклучен беше Хамболт универзитетот во Берлин, со поддршка од германската служба за академска размена, ДААД и германското Сојузно Министерство за надворешни работи.