На 05 април 2022 година, Универзитетот „Св. Климент Охридски”- Битола во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел и Институтот за општествени истражувања – МК91 од Скопје организираа „Катедра Аденауер 2022: ЕУ по руската инвазија – нов потенцијал за забрзан пристапен процес на Западен Балкан?“.

Покрај бројни академски кадри и студенти, на настанот присуствува и се обратија ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претставници од институциите соорганизатори на настанот.

Во панел дискусија посветена на темата ЕУ по руската инвазија – нов потенцијал за забрзан пристапен процес на Западен Балкан? учество зедоа професорите од УКЛО, Горан Илиќ и Марјан Ѓуровски, Јован Андоновски од  Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип како и Кирил Миноски, поранешен министер за финансии. Дискусијата ја модерираше Васко Наумовски, претседател на Институтот за општествени истражувања –МК91 и професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

Според  ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, вклученоста на УКЛО во оваа актуелна тема претставува универзитетски придонес, уште еден ангажман на академијата, институциите, стручњаците и поединците кои го користат универзалниот јазик на науката и на експертизата за идентификување, како на можните пресврти  во нашето живеење, така и на нашите перспективи и иднина.

Инаку, Катедрата Конрад Аденауер претставува научно – образовна платформа на која, студенти, експерти и претставници на академската заедница дискутираат и ги споделуваат своите гледишта околу актуелни теми коишто се однесуваат на ЕУ и на идното проширување на Унијата особено по руската инвазија на Украина.