Kомисијата за наука и меѓународна соработка на УКЛО чиј претседавач е  проректорот  за наука, проф. д-р Игор Неделковски, одржа он лајн седница, со што  УКЛО  активно се вклучи во одбележување на 10 Ноември – Светскиoт ден на науката.

Проректорот Неделкоски изврши презентацијата на Извештајот за наука на УНЕСКО од 2021 и во обраќањето по повод светскиот ден на науката што  се одржува под  мото “Building Climate – Ready Communities” потсети дека  науката е меѓу најважните елементи за развојот на секое општество, упати порака дека науката не смее да биде на маргините на општеството, напротив, таа е најважната продуктивна сила на општеството.

Во рамки на одбележувањето на настанот, посебно место имаа излагањата на професорите од УКЛО: Марина Малиш Саздовска, Факултет за безбедност – Скопје, координатор на ВЕКТОР – првиот проект од програмата на НАТО за наука на УКЛО со осврт кон можностите за научни истражувања преку НАТО програмата за наука, проф. д-р Илија Јолевски од ФИКТ кој ги претстави можностите за научни истражувања во соработка со локалната индустрија (искуства и од ИТ Хабот на ФИКТ / проект EMPLOYOUTH), и презентацијата од  проф. д-р  Даниела Николовска Неделкоска, од Технолошко –техничкиот факултет- Велес, која се осврна кон можностите за подобрување на научнo-истражувачките капацитети преку Грантовата шема за иновативни проекти во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, поддржан од Министерство за локална самоуправа и Швајцарска агенција за развој и соработка.

Одбележувајќи го 10 Ноември – Светскиoт ден на науката, од УКЛО  се потенцира потребата и нужноста од видливоста на научниците и нивните публикации, нивно објавување во индексирани  бази на податоци, креирање на профили на мрежите за научници, биографија на веб страниците на институциите во кои работат, како и профили на останатите општествени мрежи.