Студентското собрание при Техничкиот факултет-Битола, по повод Светскиот ден на науката одржа Втора факултетска и Прва универзитетска студентска конференција посветена на Техниката и урбаниот развој, на тема „Технологијата и општествениот развој низ аголот на студентот“.

Од име на УКЛО, значајната активност ја поздравија проректорите: проф. д-р Игор Неделковски и проф. д-р Марјан Ѓуровски.

Проректорот Неделкоски изрази задоволство  и им честита на студентите што се занимаваат со наука, особено затоа што станува збор за научна студентска конференција. Тој истакна дека науката е љубов, професија базирана на љубов во која единствена водилка е желбата да се спознање нешто ново и тоа да се сподели со општеството, што претставува благородна мисија.

Проректорот Ѓуровски посочи дека инспирирани од науката којашто има клучна улога во работата на секој универзитет, УКЛО и неговите единици преку серија настани ја приближува науката во секојдневниот живот на студентите, професорите, бизнис заедницата и пошироката општествена јавност. Да се биде дел од науката и да се практицира истата во секојдневниот живот бара многу умешност и знаење.

Продеканот за настава од Техничкиот факултет проф. д-р Верица Данчевска истакна дека значајниот настан е дел од серијата активности во рамки на одбележувањето на големиот и значаен јубилеј на Техничкиот факултет – Битола, 60 години постоење.

На Конференцијата се претставени  повеќе студентски трудови  и доделени се  награди од стопанството, своевиден поттик за студентскиот научен активизам.

Инаку, УКЛО активно се вклучи во одбележување на 10 Ноември – Светскиoт ден на науката и, по тој повод, Kомисијата за наука и меѓународна соработка одржа онлајн седница на којашто се нотирани достигнувања  на академски кадри меѓу две одбележувања, со што Универзитетот ја  промовира и афирмира науката и научните достигнувања како еден од приоритетите во своето работење и делување.