Концепцијата за вреднување на воннаставните активности на студентите на УКЛО, којашто нормативно е уредена во Правилник, започнува  практично да се реализира.

Реалната примена на спороведени воннаставни или друг вид волонтерски активности ќе се евидентира од службите за студентски прашања. Кон барањето, студентите приложуваат и потврди за учество во работата на органите и телата на Универзитетот, вклученост во научноистражувачка и стручна работа, спортски активности, ангажман во гласилата на УКЛО, како и други видови волонтерска работа остварени во локалната заедница.

Овие теми и начинот на спроведување на Правилникот за вреднување на воннаставните активности на студентите  се дискутираа на работната средба којашто проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска ја оствари со претставници од службите за студентски прашања од сите единици на УКЛО и  раководството од УСС УКЛО.

На состанокот е дискутирано и за административно – нормативни постапки  неопходни при вреднување на воннаставните активности со дополнителни ЕКТС – кредити кои  влегуваат единствено во додатокот на дипломата.

Инаку, УКЛО е прв од македонските државни универзитетите што има  Правилник за вреднување на воннаставните активности на студентите, со што продолжува реализацијата на стратегиските определби на УКЛО да ги подига стандардите во работата и да ги унапредува процесите на култура на квалитет во повеќе домени, со посебно вреднување на ангажманот и успехот на студентите.