Годишниот Европски форум за обезбедување квалитет (EQAF), оваа година, втор пат по ред, поради пандемијата со Ковид 19, се одржа онлајн, на 18 и 19 ноември.

Темата на Форумот беше „Градење доверба и зголемување на квалитетот: од информација до валиден доказ“.

Водејќи се од целта, Форумот ја промовира идејата за донесување одлуки за подобрување на квалитетот во високото образование врз основа на проверени и валидни податоци, но и врз основа на карактерот на ваквите податоци – квалитативни, квантитативни и/или балансирана комбинација од нив. Дискусиите околу прашањето како да се идентификуваат значајните и релевантни податоци за различните чинители, коишто истовремено би биле во служба на робусните процеси за обезбедување квалитет во високото образование, резултираа со многу корисни заклучоци и апликативни решенија. Тие посебно се фокусираа на соодветниот сооднос на квалитативните и квантитативните приоди и различните извори на податоци, анализата и интерпретацијата на резултатите, како и начините на зголемување на довербата во постапките за обезбедување квалитет, кои би ги применувале адекватните алатки и активности.

Форумот обезбеди единствена можност да се проследат бројни сесии за Европските политики и трендови, истражувања и практични примери тесно поврзани со темата на Форумот, но, исто така, послужи и како платформа за размена на искуства во однос на обезбедување и зголемување на квалитетот во високото образование, во поширок контекст.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола имаше свој претставник на овој Форум и можност директно да ги проследи корисните содржини, што беа директно презентирани, но и коишто беа достапни преку снимени презентации, по завршувањето на настанот.