Пред почетокот на отворениот тениски турнир UKLO Open, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски на студентите спортисти им додели благоданици и беџови со титулата Амбасадори на УКЛО. Станува збор за дваесетина студенти од сите единици на Универзитетот кои го претставуват УКЛО на државни универзитетски натпревари во повеќе спортови.
Во рамки на доделување на титулата – Амбасадор на УКЛО нагласена е определбата на Универзитетот за популаризација на спортските активности и рекреацијата меѓу студентите, кои помагаат во зацврстување на телото и карактерот, ширење на позитивна свест и едукација за важноста од спортот во психофизичкиот развој на младите, зачувување на здравјето и борба против зависностите.
Студентите спортисти на УКЛО кои со својот пример позитивно и инспиративно влијаат врз другите, сосема заслужено ја добиваат титулата амбасадори на УКЛО. Со активното спортување и учество на натпревари од кои често се враќаат со медали помагаат помасовно поттикнување на спортско – рекреативни настани за подобрување на квалитетот на студирање и живеење на студентите на Универзитетот.

Настанот се одржа на 17.05. 2023 г. на тениските терени кај Градскиот стадион во Битола.