Home/About Тhe University

About Тhe University

 Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола, познат со акронимот УКЛО, е вториот државен универзитет во Република Северна Македонија, најзначајна установа од областа на високото образование во Регионот на Југозападна Македонија. Специфичната хетерогена, образовна понуда на Универзитетот којашто покрива најразлични научни дисциплини и едуцира профили компатибилни со барањата на актуелниот пазар на трудот е претставена со 48 студиски програми за I циклус студии (додипломски), 57 за II циклус студии (постдипломски) (од кои 9 специјалистички) и 20 студиски програми за III циклус студии (докторски)  распределени на 12-те единици: десет факултети, една висока стручна школа и Научниот институт за тутун. Во составот на УКЛО со статус на придружни членки се и две научно – истражувачки единици единствени од ваков вид во државата: Институт за старословенска култура – Прилеп и Хидробиолошкиот завод  – Охрид, Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“  во Битола и студентските  домови во Битола и Охрид.

Нашиот Универзитет зазема специфична позиција во однос на останатите Универзитети во земјата. Седиштето на Универзитетот е во Битола, а високообразовните и научно – истражувачките единици во неговиот состав и дисперзираните студии сместени се во повеќе центри: Битола, Прилеп, Охрид, Скoпje, Велес, Кичево  и Струга.

Она што е заедничко во ваквото плуралистичко опкружување е посветеноста во едукацијата на младите , дефинирана во мисијата и визијата на Универзитетот.

Навлегувајќи во петтата деценија од своето постоење УКЛО  сопствениот специфичен идентитет го афирмира низ синтагмата: ОТВОРЕН, ФЛЕКСИБИЛЕН, ИНТЕГРИРАН ВО ОПКРУЖУВАЊЕТО, АКТИВЕН ПАРТНЕР ВО ОПШТЕСТВЕНО ЕКОНОМСКИТЕ ПРОЦЕСИ, ПОДГОТВЕН ДА СЕ СООЧИ СО НОВИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И НАУКАТА ВО ЕДНА МЕЃУНАРОДНА ПЕРСПЕКТИВА.

Како водечка академска, високообразовна и научно-истрачувачка установа во овој дел од државата, Универзитетот има посебна улога и одговорност во зачувувањето и унапредувањето на интелектуалното, научно и културно наследство.

Клучни зборови во водењето на универзитетската политика и стратегија се: современи, флексибилни студиски програми, транспарентна организациона структура, организациона шема, динамичен менаџмент на човечките ресурси, активна политика на интегрирање во опкружувањто на Универзитетот, креирање на силни релации Универзитет:стопанство, поддршка на нови иницијативи, акцент врз интернационализацијата, спроведување култура на квалитет во сите сфери од универзитетското делување.