За универзитетот

Универзитетот “Св. Климент Охридски” - Битола, познат со акронимот УКЛО, е вториот државен Универзитет во Република Македонија, најзначајна установа од областа на високото образование во Регионот на Југозападна Македонија. Специфичната хетерогена, образовна понуда на Универзитетот којашто покрива најразлични научни дисциплини и едуцира профили компатибилни со барањата на актуелниот пазар на трудот е претставена со 42 студиски програми за I циклус студии (додипломски), 81 за II циклус студии (последипломски) (од кои 18 специјалистички) и 15 студиски програми за III циклус студии (докторски)  распределени на 12-те единици: десет факултети, една висока стручна школа и Научниот институт за тутун. Во составот на УКЛО со статус на придружни членки се и две научно - истражувачки единици единствени од ваков вид во државата, Универзитетска библиотека и Студентски дом. (УКЛО, единици ).

Нашиот Универзитет зазема специфична позиција во однос на останатите Универзитети во земјата. Седиштето на Универзитетот е во Битола (www.bitola.gov.mk ), а високообразовните и научно - истражувачките единици во неговиот состав и дисперзираните студии сместени се во повеќе центри : Битола, Прилеп, Охрид, Скопје, Велес, Кичево и Струга.

Она што е заедничко во ваквото плуралистичко опкружување е посветеноста во едукацијата на младите , дефинирана во мисијата и визијата на Универзитетот.

Триесетипет годишниот континуиран развој на УКЛО опишан на страниците за неговиот историјат претставува постојана потрага по сопствениот специфичен идентитет којшто, на почетокот на ова столетие, се афирмира низ синтагмата: ОТВОРЕН, ФЛЕКСИБИЛЕН, ИНТЕГРИРАН ВО ОПКРУЖУВАЊЕТО, АКТИВЕН ПАРТНЕР ВО ОПШТЕСТВЕНО ЕКОНОМСКИТЕ ПРОЦЕСИ, ПОДГОТВЕН ДА СЕ СООЧИ СО НОВИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И НАУКАТА ВО ЕДНА МЕЃУНАРОДНА ПЕРСПЕКТИВА.

Токму заради фактот што регионално, на оваа високообразовна установа и припаѓа водечката улога во академскиот и научниот свет, за УКЛО, клучни зборови во водењето на универзитетската политика и стратегија се: современи, флексибилни студиски програми, транспарентна организациона структура (организациона шема, динамичен менаџмент на човечките ресурси, активна политика на интегрирање во опкружувањто на Универзитетот, креирање на силни релации Универзитет:стопанство, поддршка на нови иницијативи, акцент врз интернационализацијата (меѓународна соработка), спроведување на култура на квалитет во сите сфери од универзитетското делување (УКЛО, квалитет ).


Scroll to Top