110 уписнини за студенти на УКЛО

19.06.2019

Атрактивна новина од УКЛО пред стартот на новата уписна кампања е промоцијата на 110 уписнини за студенти во прва година.

Имено, УКЛО во рамки на одбележување на јубилејот 4о години од основањето на Универзитетот промовира повеќе новини за студентите меѓу кои, најпопуларна за идните студенти е ослободувањето од плаќање партиципација за 110 новозапишани бруцоши или по 10 најдобри студенти на секоја единица.

Имено, УКЛО донесе Одлука за ослободување од плаќање партиципација за првиот семестар од првата година на студии за десет најдоброрангирани кандидати, со највисок број на поени во квотата на редовни студенти, од сите студиски програми заедно, по објавувањето на конечната ранг-листа од првиот уписен рок, на секоја единица на Универзитетот.

Стратешка цел на Универзитетот „Св. Климент Охридски" – Битола е да поддржува политики за мотивирање на најдобрите студенти. Затоа за своите потенцијални студенти УКЛО обезбеди по 10 школарини на секоја единица од Универзитетот како конкретна поддршка за студентите во услови кога општеството има потреба од стручњаци кои, освен лична афирмација, ќе придонесат во развојот и просперитетот на државата.

УКЛО во новата академска година ќе реализира и други активности преку посебни фондови  за обезбедување поддршка и поттик на студентите и процесите за стекнување вештини и квалитет.


Scroll to Top