Пригодна свеченост по повод Денот на основањето на УКЛО

26.04.2017

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола на  25.04.2017 го одбележа Денот на основањето. Во поздравната реч, ректорот проф. д-р Сашо Коруновски истакна дека фокусираноста кон компактен, ефикасен и отчетен Универзитет ќе се постигне со континуирани активности во наставно-образовната и научно-истражувачката дејност, но и со поврзување со стопанството и останатите институции, како и едуцирање и  обучување на кадри што ќе кореспондираат со  современите трендови.

По повод пригодата, промовирана е Фондацијата Тома Фила основана од почесниот доктор на науки на УКЛО, познатиот адвокат Тома Фила. При промовирањето, генералниот секретар на УКЛО, м-р Офелија Христовска истакна дека Фондацијата е во знак на сеќавање на адвокатот Филота Фила - татко на господинот Тома Фила и има за цел да стипендира и подржува талентирани студенти на втор циклус студии, со остварен просек на прв и втор циклус студии од најмалку 8. Конкурсот и стипедијата ќе се објавуваат и доделуваат еднаш годишно, по повод Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. 

Во рамки на пригодната свеченост доделени се наградите за најдобрите оратори по одржаниот натпревар УКЛО ТРИВИУМ. Покрај дипломи и парични награди, првонаградениот оратор, студентката Моника Нелческа од Педагошкиот факултет,  ректорот ја овенча со ловоров венец, како симболика за покажаните  говорнички вештини.

Завршните настани посветени на Денот на основањето на УКЛО ќе се заокружат со  промоција на нови доктори на науки, на 26 април и  хепенинг по повод  Отворениот ден на УКЛО, што на 12 мај ќе се одржи на плоштадот Магнолија во Битола. 


Scroll to Top